
Интегрален текст од прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ:
Поминаа десет месеци од како ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Десет месеци што беа доволни да излезе на површина неспособноста, неодговорноста и целосната незаинтересираност на оваа Влада за животниот стандард на граѓаните. Македонија економски не оди напред како што ветуваше ДПМНЕ во кампањата. Економијата е заглавена, стандардот е урнисан, граѓаните едвај врзуваат крај со крај.
Владата наместо конкретни решенија, нуди измами и шминка.
Потрошувачката кошничка само во март пораснала за нови 836 денари. Тоа е рекорден скок кој директно ги погодува семејните буџети. Денес, за да се покрие синдикалната минимална кошничка, потребни се речиси три минимални плати. Тоа значи дека едно семејство кое живее од минимална плата не може да си ги дозволи ниту најосновните трошоци – храна, лекови, сметки. Ниту задоцнетите замрзнати маржи од 10% не дадоа значителен ефект во контролата на растот на цените.
Може да заклучиме дека Владата во својата прва година од владеење јасно им покажа на граѓаните дека ниту планира да ги штити од идните економски ризици, ниту има јасен план што ќе прави за да го подобрува стандардот. Ова е економски најнеспособната Влада која сме ја имале.
Платите нема да растат како што растеа до минатата година, минималната плата нема да расте, а за цените Владата нема соодветна стратегија. Резултатот е оној кој го гледаме, систематско осиромашување на граѓаните.
Владата најавува нов начин на пресметка на кошничката – наместо за четиричлено, ќе се пресметува за тричлено семејство, а одморот во странство и овошјето ќе се третира како луксуз и ќе се исклучат од калкулацијата. Тоа е класичен обид да се манипулира со реалноста. Наместо да ги намалат трошоците на живот, тие ја менуваат методологијата за да ја сокријат вистината. Се што се прави од страна на Мицкоски и ДПМНЕ е во насока за замајување на јавноста, ставање на розови наочари за сите поубаво да гледаат, наместо поубаво да живеат. Оваа Влада е толку многу фокусирана на лажен ПР, што нема време да се занимава со реални политики и да се справи со реалноста. Ветуваа економски бум, зборуваа дека Македонија ќе биде економски тигар, но само за една година покжаа дека немаат капацитет нитува да ја направат економско маче. Нема инвестиции, нема раст, нема визија.
Проекцијата на Меѓународниот монетарен фонд го потврдува тоа. Македонија се наоѓа меѓу земјите со најнизок економски раст во целиот регион. Само за Босна и Херцеговина има пониска проекција. За оваа година, ММФ прогнозира раст на БДП од 3,2 проценти и инфлацијата од 3,4 проценти. Ова значи дека реалниот економски раст ќе биде речиси нула и е јасен индикатор дека се полошо ќе се живее. Со платите граѓаните купуваат се помалку, животот е поскап, продуктивноста не се движи – а Владата тоа го продава како успех.
Податоците за реализацијата на капиталните инвестиции се уште еден показател за неспособноста на оваа власт. До 8 април, реализирани се едвај 10% проценти од планираните капитални проекти. Тоа е дури за 50% помалку од истиот период лани, кога реализацијата изнесуваше 15,6 проценти. Тоа значи дека оваа Влада не носи нови инвестиции и не е способна да го реализира тоа што самата го испланирала.
Дека работите економски не одат, се потврдува и преку низа други постапки на Владата. Зошто со месеци не се прави поврат на ДДВ? Фирмите се жалат дека повратот е целосно закочен. Зошто се доцни со платите за вработените во администрацијата? Зошто нема реализација на унгарскиот кредит за кој граѓаните плаќаат дебела камата?
СДСМ нема да молчи пред оваа економска неправда. Како социјалдемократска партија, наш приоритет секогаш бил човекот – работникот, семејството, секој оној што живее од својата работа и се бори за подобро утре. Затоа бараме веднаш да се преземат мерки за справување со ценовната криза. Да се обезбеди раст на минималната и просечната плата, во чекор со растот на трошоците за живот. Да се вложува во продуктивноста, во капитални проекти, во реална економија – а не во лажни пресови и лажни слики.