Skip to main content
Балкан

Курти: Или преодна влада до избори во декември, или нови избори напролет

08/11/2025  21:11

 Премиерот на Косово во технички мандат, Албин Курти, изјави дека движењето Самоопределување направило доволно отстапки и дека сега одлуката за иднината на владата е во рацете на опозициските партии.

Курти рече дека опозицијата има две опции – формирање преодна влада што ја нарече „Курти 2.5“, која би организирала избори во декември, или влада „Глаук Коњуфца 1.0“, што би функционирала до април наредната година.

– Бидејќи не го добив потребното мнозинство од 61 глас во Собранието, предложивме Глаук Коњуфца да биде мандатар. Ова ќе биде наша приоритетна тема по вториот круг на локалните избори. Опозицијата може да избере – или „Курти 2.5“ со избори во декември, или „Коњуфца 1.0“ со избори во април. Двете опции за нас се прифатливи, но мораме да соработуваме и да одиме напред, изјави Курти во говор во Ѓаковица.

Тој оцени дека Самоопределување преферира Коњуфца да ја добие поддршката за мандатар, за Косово да има функционална влада која ќе може да го усвои буџетот, Планот за раст и неколку меѓународни договори пред нови избори.

Курти ја нарече понудата до опозицијата „великодушна“, нагласувајќи дека тоа е само една од направените отстапки.

– Прво беше заменета Албулена Хаџиу со Димал Баља, сега јас со Глаук Коњуфца. Ние направивме чекори напред, додека опозицијата покажува фиксација и ирационално одбивање, рече Курти.

Ден пред истекот на рокот за номинирање нов мандатар, на 5 ноември, претседателката Вјоса Османи го предложи Коњуфца за таа функција. Тој е потпретседател на Самоопределување и поранешен претседател на Собранието на Косово (2021–2025).

Коњуфца има околу десет дена да обезбеди поддршка од најмалку 61 пратеник. Ако не успее, Османи, согласно Уставот, ќе мора да распише вонредни избори што треба да се одржат во рок од 40 дена.