Skip to main content
Македонија

Кумановци кои работеле во Авганистан и Ирак ќе протестираат утре пред УЈП

25/12/2025  13:46

Кумановци кои во изминатите години работеле во Авганистан и Ирак најавија неколкучасовен протест на Мал плоштад за утре, кој ќе се одржи од 13 до 15 часот. Организаторите истакнуваат дека протестот нема да вклучува блокирање на улици и дека не е насочен против државата, туку е барање за правда.

Причината за нивното незадоволство е најавеното оданочување на приходите од странство, односно од 2020 година. Тие тврдат дека за приходите кои ги добиле веќе бил платен данокот преку компаниите со кои работеле во Авганистан и Ирак.

Некои граѓани веќе добиле писма од УЈП, која појаснува дека не станува збор за нова регулатива, туку за одредби кои се дел од важечките закони, како Законот за данок на личен доход. Според законот, македонски даночни резиденти имаат обврска да пријават приходите од странство преку поднесување на електронска пресметка. УЈП еднаш месечно добива податоци од банките за приливите од странство на сите физички лица.

Лицата кои веќе платиле данок во земјата од каде потекнува приходот, како доказ ќе треба да достават документ од надлежниот даночен орган во странство, кој може да биде уверение, потврда или друг доказ за платен данок.

Македонија има договори за одбегнување на двојно оданочување со 49 странски држави, што е клучен услов граѓаните да не подлежат на данок и во државата од каде потекнуваат парите, и во својата матична земја.