Skip to main content
Хроника

Куќен притвор и 24-часовен надзор за Љупчо Пецов-Ѓаволот

17/12/2025  12:00

Во текот на вчерашниот ден во Основниот кривичен суд Скопје пред судија на претходна постапка беше спроведен Љупчо Пецов-Ѓаволот, на кој од претходно, со решение на судот, му е определена мерка притвор од неговото пронаоѓање, односно лишување од слобода во предметот за јавноста познат како „Синџир“, соопшти судот.

„Со оглед што тој доброволно се пријавил на органите на прогонот и од неговата одбрана е доставена медицинска документација според која тој има влошена здравствена состојба, а воедно надлежниот јавен обвинител, покрај здравствената состојба, ценел и дека со спроведување на обвинетиот во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, на записник пред судот, наместо мерка притвор, предложи на обвинетиот да му се определи мерка куќен притвор и дополнителна мерка 24-часовен надзор од МВР, со која може да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот дел од постапката“.

Со оглед на сето тоа, судија на претходна постапка, информираат од судот, го прифатил предлогот на ЈО и на обвинетиот му определил мерка куќен притвор, како и задолжителен надзор, а воедно одземени му биле и двете патни исправи.

„Против решението на судијата дозволено е право на жалба пред Кривичниот совет“.