
Триесет и двајца припадници на кубанските безбедносни сили биле убиени за време на американскиот воен напад врз Венецуела, соопшти синоќа кубанската Влада, пренесе ДПА.
САД во саботата рано утрината, околу 2 часот по локлано време, нападнаа цели во Венецуела, заробувајќи го претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, и извлекувајќи ги од земјата.
Кубанските војници биле испратени во оваа јужноамериканска земја на барање на венецуелските власти, наведе кубанската Влада.
„Верни на своите одговорности за безбедноста и одбраната, нашите сонародници ја исполнија својата должност со достоинство и херојство и паднаа, по жесток отпор, во директна борба против напаѓачите или како резултат на бомбардирањето на објектите“, се наведува во соопштението пренесено од германската агенција.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел прогласи дводневна национална жалост.
„Чест и слава на храбрите кубански борци кои загинаа соочувајќи се со терористите во империјалистичка униформа, кои ги киднапираа и нелегално ги отстранија од својата земја претседателот на Венецуела и неговата сопруга“, напиша тој на X.
Мадуро во моментов е задржан во притворен центар во Њујорк, каде што треба да му се суди по повеќе обвиненија, вклучувајќи и заговор за наркотероризам и заговор за увоз на кокаин.
На прашањето дали Куба може да биде следна по драматичната воена операција на САД во Каракас, американскиот претседател Доналд Трамп призна за смртните случаи меѓу Кубанците.
„Знаете, многу Кубанци беа убиени вчера. Го знаете тоа, многу Кубанци беа убиени“, им рече тој на новинарите на авионот „Ер Форс Уан“, пренесе ДПА.
„Имаше многу смртни случаи од другата страна, немаше смрт од наша страна. Но, многу Кубанци беа убиени вчера обидувајќи се да го заштитат“, рече тој, осврнувајќи се на Мадуро.
Претходно, американскиот државен секретар Марко Рубио ја опиша владата на Куба како „огромен проблем“.
Рубио во интервју за Ен-Би-Си Њуз (NBC News) рече дека не сака да шпекулира за „идните чекори“.
„Но, не мислам дека е мистерија дека ние не сме големи обожаватели на кубанскиот режим, кои, патем, се оние што го поддржуваа Мадуро,“ рече американскиот државен секретар
Родителите на Рубио емигрирале од Куба во САД во 1956 година за време на диктатурата на Фулгенсио Батиста. Неговиот татко подоцна работел како шанкер, а неговата мајка како хотелска собарка.
Рубио долго време инсистирал Вашингтон да заземе поцврст став кон Хавана, вклучително и кога бил сенатор од Флорида.
На Куба, Комунистичката партија ја контролира државата, економијата и општеството, и не се дозволени други политички партии. Според активистите за човекови права, таму во моментов има повеќе од 1.000 политички затвореници, потсетува ДПА.
