
Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, изјави дека техничката, односно пржинска влада треба да биде укината, оценувајќи дека станува збор за временско решение кое ја исполнило својата улога.
„Нашиот став, кој е вграден и во нашата програма, е дека таа влада треба да се укине. Тоа решение беше донесено за една специфична ситуација која веќе не постои“, изјави Крмов, објави 4news.mk.
Според него, ваквите временски политички решенија се карактеристични за општества кои сè уште не се целосно институционално изградени.
Крмов посочи дека македонското општество треба да покаже поголема зрелост и да ја надмине оваа фаза.
„Ставот на властите, мислам, ќе биде техничката влада да се укине од наредниот изборен циклус. Во овој циклус таа ќе постои, но од следниот треба да биде укината“, нагласи пратеникот.
Тој додаде дека Левица верува во институциите и во можноста за организирање фер и демократски избори, иако, како што рече, не постои држава во која институциите функционираат совршено и каде политичката битка меѓу власта и опозицијата е целосно рамноправна.
„Имавме ситуација која веќе е надмината. Тоа беше временско решение и тоа временско решение треба да се укине“, заклучи Крмов, повикувајќи на надминување на, како што рече, „детските болести“ на општеството и политичкиот систем.


