
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против шест физички лица и едно право лице од Република Србија поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, соопшти МВР.
„Првопријавениот, во својство на претседател на управен одбор на Државна лотарија на Р.С. Македонија, усвоил план за изменување и дополнување на планот за јавни набавки за 2023 и го намалил периодот на важност на договорот за изнајмување софтвер за лотариски систем на една година со што двојно ја зголемил проценетата вредност за набавката и склучил договор со Државна лотарија на Србија. Второпријавениот, во својство на директор на Сектор за информатички технологии, изготвил барање за измена на планот за јавни набавки со Секторот за јавни набавки на Државна лотарија на РСМ за 2023, во кое навел дека предвидените средства за изнајмување на софтвер на лотариски систем во висина од 12.000.000 денари не се доволни и исто така не преземал дејствија за раскинување на договорот со правно лице од Србија и покрај тоа што знаел дека постапуваат погрешно во делот на одржување на софтверот“, се наведува во соопштението.
Второ, трето и четврто пријавените, во својство на членови на комисија за јавни набавки, изготвиле извештај од спроведена постапка од 2023 во која констатирале дека доставените понуди од правно лице од Република Србија и правно лице од Скопје ги исполнувале критериумите, и покрај тоа што не ги исполнувале бараните критериуми.
Петто и шесто пријавените во име на правните лица од Скопје и Србија склучиле договор за поднесување на заедничка понуда во отворена постапка, во кој навеле дека освен банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот правното лице од Србија ќе обезбеди и развиен софтвер за лотариски систем, додека пријавеното правно лице не се придржувало и не ги исполнило условите и барањата од набавка. Од преземените дејствија, двете правни лица се стекнале со противправна имотна корист од 11.870.754 денари (oколу 192.000 евра)“, се наведува во извештајот од МВР.