Skip to main content
Македонија

Кривична за ексдиректорот на ЈЗУ Здравствен дом Куманово: Незаконски ангажирани 68 лица и 353.573 евра штета на буџетот

23/02/2026  12:27

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.А.(43) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавениот, во периодот од 2020 до 2024 година, откако бил поставен како вршител на должност директор, а потоа именуван за директор на Јавна здравствена установа Здравствен дом Куманово, склучувал незаконски договори на дело и вработувал лица во установата, без претходно да добие одобрение од Министерството за здравство и без да обезбеди согласност за обезбедени финансиски средства од Министерство за финансии.

На тој начин тој постапил спротивно од одредбите од Законот за работни односи и Законот за трансформација во редовен работен однос. Притоа, во истиот временски период ангажирал 68 лица со договор на дело, на кои незаконски им исплатил плати во вкупен износ од 21.744.788 денари или 353.573 евра на штета на буџетот на Здравствен дом Куманово.