Skip to main content
Хроника

Кривична против градоначалникот на Кичево, го оштетил буџетот за 64.000 евра

26/05/2025  11:22

Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари ќе се соочи со кривична пријава, бидејќи го оштетил буџетот на општината за 64 000 евра.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(51) од кичевското село Србица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик, известија од МВР.

Во периодот од 2017 до 2024 година, тој во својство на градоначалник на општина Кичево, противзаконски склучил повеќе договори за извршување на адвокатски услуги со адвокати од Кичево, иако во рамките на општина Кичево постои Сектор за правни работи со вкупно 37 вработени, кои имаат право да ја застапуваат општината пред судовите во државата. На тој начин пријавениот ја искористил својата службена положба, постапил спротивно на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, на Законот за локална самоуправа, на Законот за јавни набавки, ги прекршил одредбите од Законот за парнична постапка, Правилникот за систематизацијата на работните места, со што на адвокатите им овозможил, на штета на буџетот на општина Кичево, да се стекнат со противзаконска имотна корист од 3.938.420 милиони денари или околу 64.000 евра.