
Жителите на Крива Паланка за сабота, 21 ноември, најавуваат протест и блокада на магистралниот пат поради нерешениот проблем со добитокот што неконтролирано се движи низ градот. Блокадата е најавена со почеток во 11 часот.
Со повикот за протест се бара трајно решение за слободното движење на кравите низ градските улици.
„Кривопаланчани, да се собереме во што поголем број и гласно да побараме трајно решение за добитокот што слободно се движи низ нашиот град“, порачуваат иницијаторите.
Според информациите што Агенцијата за храна и ветеринарство ги доставила до „Фокус“, досега се собрани 96 крави. Градоначалникот Сашо Митовски, пак, проценува дека има уште околу 1.000.
Митовски наведува дека пред две недели побарал Владата да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена за справување со проблемот, но дека досега нема одговор на барањето.
Најавениот протест е обид преку блокада да се изврши притисок врз надлежните институции за организирано и трајно решавање на состојбата.

