Skip to main content
Култура

Крива Паланка ја слави Прочка со автентичниот обичај  „Сусурига 2026″

18/02/2026  10:59

На 21 февруари во Крива Паланка по третпат ќе се одржи  манифестацијата „Сусурига 2026″, која  како автентичен обичај  ја оживува вековната традиција на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.

Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад ќе се претвори во живо средиште каде генерациите се спојуваат околу обиччајните вредности што со векови се пренесуваат од колено на колено. Маскираните поворки, обредните елементи и симболичниот оган ќе создадат впечатлива слика за културниот идентитет и ќе ја оживеат културната меморија на градот.

Програмата започнува во 12:00 часот со дефиле од плоштадот „Карпошово востание”, а централниот настан ќе се одржи на Градскиот плоштад во 12:30 часот.

Пред публиката ќе настапат бројни маскирани и обредни групи од земјата и регионот и тоа: „Странчинарски игри” од Мокриево, Ново Село, „Ратевски Бамурци” од Ратево, Берово, „Суроварска група” од Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари” од Манастирец, Росоман, како и локалните групи „Паланечка свадба” од КУЗ „Карпош” и „Трновски ветришта” од КУЗ „8-ми Октомври” при НУ Центар за култура Крива Паланка.

Организатори на манифестацијата се Општина Крива Паланка и Фондацијата „Со срце за Крива Паланка”, а целта е  зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и обединување на граѓаните.

Манифестација „Сусурига” го негува  наследениот обичај и заедничката приказна што ја чува врската меѓу минатото и сегашноста и културната душа на Крива Паланка.