Skip to main content
Хроника

Криумчарење од големи размери: Белгиски државјани фатени со златен накит вреден близу половина милион евра на скопскиот аеродром

07/04/2025  18:39

Двајца белгиски државјани, маж и жена од Антверпен, се осомничени за криумчарење од големи размери. Тие на 6 април биле фатени на скопскиот аеродром со златен накит вреден близу 480.000 евра. Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против нив за кривично дело „Криумчарење“ согласно член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Парот пристигнал со лет од Виена и ја поминал пасошката контрола, по што се упатиле кон зелениот канал, резервиран за патници без стока за пријавување. Второосомничениот бил селектиран за дополнителен преглед на личниот багаж, каде биле откриени празни кутии за накит и други сомнителни предмети.

Тој појаснил дека патува со својата сопруга, која веќе поминала накај излезот. Набргу потоа, жената се вратила, а при детална проверка на нејзиниот ранец бил пронајден златен накит тежок 1.711,1 грама, составен од 209 парчиња, во вредност од 479.555 евра.

Според обвинителството, осомничените се товарат како соизвршители во криумчарење од големи размери. Лицата избегнале царинска контрола и се обиделе да внесат непријавена стока од висока вредност. Јавниот обвинител до судија на претходна постапка веќе доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата.

Истрагата продолжува, а златниот накит е привремено одземен. Обвинителството укажува дека делото спаѓа во категории со висок степен на јавна опасност, токму поради големината и вредноста на криумчарената стока.