
Новоименуваниот директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, пријавил висока вредност на криптовалути во својот анкетен лист до Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Тој поседува 11 биткоини, за кои проценил дека моментално вредат 59.734.070 денари (околу еден милион евра), како и 129 етериуми купени во Србија за 125.000 евра.
Покрај криптовалутите, Богојески има и сметка во Бугарија, но нема информации за нејзината состојба. Во 2012 година купил стан со гаража во општина Карпош, со сегашна проценета вредност од 278.000 евра. Годинава во Ракотинци купил земјоделско земјиште вредно околу 26.000 евра. Исто така, минатата година набавил нов SUV модел „Фортинг T5EBO“ за 30.000 евра.
Во делот на деловни удели, тој поседува 61% од компанијата ДТУ „Бегова Корија“ ДОО Скопје, која го стопанисува одморалиштето „Шула Мина“, со вкупна проценета вредност од 550.000 евра. Има и влог од 5.000 евра во компанијата ВФП Фонд Менаџмент.
Богојески пријавил и низа странски финансиски вложувања. Од 2020 година има влог од 50.000 евра во американски валутен фонд и животно осигурување вредно 15.000 евра. Осигурителни полиси имаат и неговата сопруга и деца, додека неговите деца поседуваат акции во банка во основање во САД – иако не се наведуваат точни суми.
Тој има две девизни сметки (во евра и долари), два персонални сефа (еден во евра, друг во денари), како и девизна сметка во банка во Бугарија. Има и девизна готовина – наследена и стекната – во вредност од 120.000 евра.
Во листата е вклучен и златен накит проценет на над 40.000 евра, како и икони со благородни метали вредни околу 20.000 евра.