
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против четири лица осомничени дека извршиле вкупно четири тешки кражби и уште една во обид, на објект што му припаѓа на Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура – Скопје, лоциран на булеварот „Србија“.
Во периодот од почетокот на месецов, во четири наврати, осомничените со употреба на физичка сила и соодветен алат го кршеле катанецот од металната капија, влегувале во објектот и одземале машини и други предмети со вкупна вредност од 1.239.000 денари.
На 14 април, двајца од нив повторно се вратиле на местото, ја обиле капијата и се обиделе да одземат парчиња лим, но биле забележани и спречени од страна на вработените во претпријатието, кои ги задржале до пристигнувањето на полицијата.
Јавниот обвинител веќе достави предлог до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.