
Полицијата во Кавадарци поднесе кривични пријави против осум лица, осомничени за организирана кражба и прикривање на електрични кабли од парцела кај селото Марена, наменети за поврзување фотоволтаици за производство на струја.
Како што информира МВР, кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство Кавадарци против А.А. (26), Ш.А. (30), Е.А. (23), М.А. (22), Р.А. (18) и Г.А. (21), сите од село Марена, кои се товарат за сторено кривично дело „тешка кражба“ по член 236 од Кривичниот законик.
Исто така, пријава е поднесена и против С.В. (37) со привремен престој во Струмица и А.Ш. (43) од Струмица, осомничени за кривично дело „прикривање“ по член 261.
Според истрагата, на 22 и 23 ноември 2024 година, шестмината осомничени со употреба на специјализиран алат украле електричен кабел од локација викана Маренски рид. Кабелот бил предвиден за поврзување на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија. Двајцата осомничени од Струмица, пак, го откупиле украдениот бакар и кабли.
Со кражбата, на правно лице од Скопје му е нанесена материјална штета од околу 915.000 денари, наведуваат од МВР.
Истрагата продолжува.