Skip to main content
Македонија

Ковачевски за 4ТВ: Мерките на Владата се задоцнети и недоволни, потребен е итен план!

09/04/2026  21:50

Поранешниот премиер и екс-лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати остра критика до актуелната власт во однос на справувањето со ценовните шокови. Според него, граѓаните веќе се соочуваат со „европски цени“ на велигденската трпеза, додека инфлацијата директно го јаде семејниот буџет.

Како што вели мерките донесени од Владата се задоцнети и недоволни за да го спречат растот на цените, објави 4news.mk Тој посочи дека клучните прехранбени продукти и енергенси веќе достигнаа рекордно високи нивоа.

„Имаме реална инфлација која граѓаните ја чувствуваат на својот џеб. Цените на дизелот и маслото за јадење веќе се движат околу 100 денари, а растат и цените на лебот, јајцата и месото. Најмногу се погодени оние кои имаат најмалку, бидејќи храната зафаќа најголем дел од нивните приходи“, изјави Ковачевски.

Како главен извор на нестабилноста, тој ги посочи војните во Украина и на Блискиот Исток. Ковачевски објасни дека ескалацијата на конфликтот во Иран предизвикува нов бран на поскапувања:

Земјоделство: Поскапувањето на гасот води до раст на цените на вештачките ѓубрива, што дополнително ќе го поскапи домашното производство.
Транспорт: Еден од клучните проблеми е наплатата на такси за премин низ Ормудскиот теснец (договор меѓу Иран и Оман), што според Ковачевски е парадокс во меѓународниот бродски транспорт кој го поскапува секој увезен производ.
„Македонија е увозно зависна држава од прехранбени производи. Додека не завршат конфликтите, ризикот од зголемување на цената на нафтата и храната ќе остане постојан“, предупреди тој.

Екс-премиерот побара од Владата итно спроведување на план со таргетирани мерки, наместо општи решенија. Тој предлага:

Директна финансиска поддршка за најранливите категории граѓани.
Ослободување од плаќање на одредени услуги за семејствата со ниски приходи.
Поддршка за малите и средните претпријатија (90% од економијата), кои се под огромен притисок заради трошоците за транспорт и суровини.
Ковачевски заклучи дека ситуацијата потсетува на нафтената криза од 70-тите години и дека без сериозна државна интервенција, стандардот на граѓаните ќе продолжи да опаѓа.