Поранешниот премиер Димитар Ковачевски и генералниот секретар Методија Димовски не се опфатени со истрагата за случајот ,,Лотарија”, во кој еден од осомничените е вицепремиерот Артан Груби, пишува „Фокус“.
Според порталот, забуната во јавноста настанала поради тоа што Ковачевски и Димовски биле опфатени со кривичната пријава на МВР и Финансиската полиција, каде што се пријавени вкупно 8 лица, но од скопското обвинителство информираа дека истрагата е отворена за шестмина, а по описот на осомничените очигледно е дека не се опфатени екс премиерот и генералниот секретар. Очигледно е дека против двајцата не биле обезбедени докази за вмешаност.
Појаснување даваат и од обвинителството.
-Основното јавно обвинителство Скопје во овој предмет постапуваше по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција. По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела, велат од обвинителството објаснувајќи ја разликата во бројката која излезе од МВР и од нивната институција.