
Во пресрет на завршувањето на изборната кампања, членови на штабот на Мартин Костовски, кандидат за градоначалник од коалицијата СДСМ, биле нападнати од страна на Самек Салиевски, актуелен кандидат за советник од ЗНАМ и член на тимот на Максим Димитриевски, објави „Фокус“.

Настанот е пријавен во полициската станица во СВР Куманово, рече кандидатот за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Ја знаеме хистеријата на Максим, знаеме дека е исплашен, меѓутоа денеска дојдовме во полициската станица за да го пријавиме настанот. Ги повикувам органите на прогонот веднаш да постапат“, изјави Костовски.
Дополнително, Костовски бара реакција и од другите надлежни институции:
„Ги повикувам и Државната изборна комисија, како и Јавното обвинителство, да се стави крај на ваквото политичко насилство врз политички противници. Ова веќе не смее да се случува во едно цивилизирано и демократско општество“.