Skip to main content
Македонија

Костовски: Се штитат ли одговорните од МВР, оние кои биле на кобната вечер задолжени за безбедноста?

24/03/2025  12:40

Од досегашниот правец на истрагата и информациите кои се соопштени во јавноста за трагедијата во Кочани, СДСМ стравува дека оваа истрага ќе биде селективна, истакна на денешната прес-конфренција, организациониот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.

Тој потенцираше дека откако министерот Тошковски извести дека првата фаза од истрагата е завршена и се сомничат 32 лица, денеска тој и обвинителот Коцевски мора да одговорат на повеќе легитимни прашања за кои јавноста има право да добие одговори.

„Дали е точно дека ниеден од командирите, инспекторите, и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип, кои мора да знаеле што се случува, не се во притвор? Дали и против кој од нив се води истрага? И ако не се води, како е возможно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции, со должност и овластување да реагираат – но не го сториле тоа? Дали е точно дека сите седум вработени во МВР, кои се моментално во притвор, не биле на функции во денот на пожарот во дискотеката?“, праша Костовски на денешната прес-конфренција.

Костовски го повика институциите да постапат согласно своите должности и надлежности, без при тоа да водат селективна правда, бидејќи како што кажа токму против тоа се борат граѓаните.

Тој порача дека СДСМ ќе продолжи да ги објавува сите детали и да ги поставува сите правно издржани прашања, кои укажуваат на сериозни пропусти и кривични одговорности за лица за кои во моментов нема инфомрации дека се дел од истражната постапка или се во притвор.