Skip to main content
Балкан

Косовската полиција приведе 11 лица во Северна Митровица поради провокации со знамиња

17/02/2025  21:22

Косовската полиција приведе 11 лица во Северна Митровица под обвинение дека со косовски знамиња и амблеми провоцирале граѓани од српска националност.

Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани, изјави дека приведените влегле во северниот дел со автомобили, носејќи симболи на Косово, по што биле запрени од полицијата.

„Во текот на денот имавме неколку случаи на лица кои беа вратени назад во јужниот дел поради знамиња или амблеми на нивните возила. Околу 15 часот, три автомобили избегале од полицијата и преминале во северниот дел на Митровица. Запревме едно од возилата и побаравме документи, но лицата одбија да ги дадат, по што беа приведени. Сите се малолетници, па сега ги чекаме нивните родители да дојдат да го земат возилото, бидејќи немаа возачки дозволи. Дополнително, беше запрен уште еден автомобил со седум лица, така што вкупниот број на приведени изнесува 11“, изјави Ељшани.

Тој нагласи дека полицијата реагирала врз основа на надзорни камери и полициски патроли, а не по пријава од граѓани. Приведените најверојатно ќе бидат ослободени, но полицијата продолжува да ги спречува сите обиди за провокации во текот на прославите за Денот на независноста.

Ељшани ги повика граѓаните да пријавуваат евентуални нови инциденти во полиција.