Skip to main content
Балкан

Косово: Ситуацијата со поплавите е под контрола, службите на терен

07/01/2026  17:08

Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, денеска информира дека состојбата предизвикана од поплавите во земјата е стабилизирана и дека надлежните служби континуирано работат на терен. „Вчера, во текот на целиот ден, вечер и ноќ, екипи од агенциите на Министерството за внатрешни работи и Министерството за животна средина, просторно планирање и инфраструктура беа присутни на терен за да ја следат состојбата предизвикана од поплавите и да преземат потребни интервенции“, објави Курти на Фејсбук.

Според извештајот на Агенцијата за управување со вонредни состојби, водата погодила бројни општини, меѓу кои: Косово Поле, Липљан, Обилиќ, Глоговац, Подуево, Штимље, Грачаница, Призрен, Сува Река, Малишево, Ораховац, Мамуша, Драгаш и Пеќ. Курти додаде дека централните институции активно ги поддржуваат локалните власти во евакуацијата на жителите од ризичните подрачја, додека министерот Елберт Красниќи е во постојан контакт со градоначалниците на погодените општини. Премиерот исто така посочи дека во текот на изминатата ноќ службите интервенирале на повеќе локации поради свлечишта и одрони, обезбедувајќи итна реакција на загрозените подрачја.