Skip to main content
Балкан

Косово одржани избори во 38 општини: ДЛК и ААК најавуваат победи, тесна трка во Приштина

12/10/2025  23:29

Српската листа оствари убедлива победа во девет од вкупно десет српски општини на Косово уште во првиот изборен круг, соопшти српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Српската листа освои убедливо мнозинство. Српската листа победи со убедлива разлика во девет општини, а тие нека ја шутнат топката,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека на денешните локални избори гласале вкупно 57.786 Срби – за речиси 3.700 повеќе отколку на парламентарните избори во февруари.

На Косово денеска се одржаа локални избори во 38 општини, на кои право на глас имаа 2.025.105 гласачи. Според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија (ЦИК), добиени од околу 96 отсто од избирачките места, до 19 часот гласале 800.331 граѓанин, односно 39,5 проценти од запишаните гласачи.

На изборите учествуваа 93 политички субјекти – 32 партии, 32 граѓански иницијативи, две коалиции и 27 независни кандидати. За градоначалници се натпреваруваа 206 кандидати, а вкупно 5.626 кандидати беа на листите за општинските совети.

Иако пребројувањето сè уште не е завршено, Демократската лига на Косово (ДЛК) веќе прогласи победа во првиот круг во три општини – Исток, Липјане и Јуник, како и водство во уште 12 општини.

„На 12 октомври ги имаме нашите 12 општини. Денес, по 12 години, ДЛК е прва партија и за кандидати и за општински совети во Приштина,“ изјави претседателот на партијата, Лумнир Абдиџику.

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, исто така оцени дека неговата партија постигнала „историска победа“.

„Имаме зголемување на бројот на гласови во повеќе општини, а таму каде што владеевме, победата е уште поубедлива,“ рече Харадинај.

Во главниот град Приштина се води тесна трка меѓу Демократската лига на Косово и партијата на премиерот Албин Курти – Движењето Самоопределување. Според најновите податоци, ДЛК има 26.390 гласа, Самоопределување 25.680, а Демократската партија на Косово (ДПК) 21.656 гласа.