Skip to main content
Балкан

Косово/Избори: Врз основа на 88 отсто преброени гласачки ливчиња, Самоопределување освои 41,29 отсто од гласовите

10/02/2025  10:21

Според најновите податоци на приштинската Централна изборна комисија, врз основа на повеќе од 88 отсто преброени гласови, на вчерашните избори за Парламентот води Самоопределување со 41,29 отсто од гласовите.

На второ место е Демократската партија на Косово со 21,83 отсто, а на трето е Демократската лига на Косово со 17,74 отсто од гласовите.

На четврто место е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите. 

Изборниот ден, кој помина без никакви инциденти, остана во сенка на неуспехот на Централната изборна комисија да ги објави изборните резултати за политичките партии во реално време. Иако новиот Изборен закон предвидуваше прелиминарните резултати на партиите да бидат објавени во рекордно време, тоа не се случи.

Онлајн платформата на ЦИК беше во функција повеќе од три часа.

Првично беше објавено дека се преброени повеќе од 23 отсто од гласовите, а потоа и повеќе од 50 отсто, но имало несовпаѓање меѓу вкупниот број гласови и оние во одредени општини, јавија косовските медиуми.

Првичните податоци објавени од ЦИК на онлајн платформа предизвикаа огромни реакции, бидејќи покажаа победа на Самоопределување со повеќе од 55 проценти. Претставниците на ЦИК подоцна објавија дека имале технички проблеми, дека сајтот имал преоптоварување на системот поради големиот интерес.