
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција информираа за одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО донесена на денешната 47. сесија во Париз.

„Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната 47. сесија што се одржува во Париз донесе одлука со која на Република Македонија и на Република Албанија им се даде дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Оваа одлука е резултат на заедничките заложби на Владата на Република Македонија и на Владата на Република Албанија кои беа препознаени од членките на Комитетот и другите надлежни инстанци”, рече Љутков.
Тој додаде дека одлуката на Комитетот е за нас поттик и мотивација, најсериозно да продолжиме со конкретни мерки што ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките од реактивните мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација.
„Ние не смееме да дозволиме однос кон светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион како во минатото. За потсетување, во последните седум години не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО – наместо заштита, бевме сведоци на непостапување по експертските извештаи и системско разнебитување. Граѓаните имаат право да знаат дека токму претходната власт го доведе Охрид на работ на губење на својот статус”, истакна министерот Љутков.
Тој потенцираше дека Владата на Република Македонија со максимален ангажман и координација на сите надлежни институции – а тука се МТ, МЖСПП, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, домашните експерти – ќе се посвети на зачувување на статусот на Охрид и Охридскиот Регион. Тоа е наша обврска и должност кон државата и кон идните генерации”, потенцираше Љутков.