Skip to main content
Македонија

Комеморација во Собранието за жртвите од пожарот во „Пулс“ – една година од трагедијата во Кочани

12/03/2026  08:58

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи комеморативна седница по повод една година од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а околу 200 беа повредени.

Комеморацијата е дел од активностите за одбележување на годишнината од трагедијата, која длабоко ја потресе јавноста и отвори прашања за безбедносните стандарди и институционалната одговорност.

Во рамки на одбележувањето, на 14 март Владата ќе организира и Меѓународна конференција на тема „Институционални и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“. На конференцијата се очекува присуство на претставници на државните институции, здравствени експерти, меѓународни организации и хуманитарни партнери.

Како што информираше владината портпаролка Марија Митева, на настанот ќе учествуваат лекари и медицински персонал од 37 земји кои помогнаа во лекувањето на повредените по пожарот. Целта е да се направи сеопфатна анализа на институционалниот и здравствениот одговор на трагедијата – од првичната интервенција и спасувањето животи, до долгорочниот третман, рехабилитацијата и идните системски решенија.

На завршната сесија од конференцијата ќе бидат презентирани и планираните мерки и системски чекори што институциите ги подготвуваат со цел унапредување на безбедноста и поефикасно справување со вакви кризни ситуации во иднина.

Во меѓувреме, за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во тек е судска постапка.