Skip to main content
Македонија

Колку чини животот во Македонија? Просечно семејство месечно троши 111.341 денари

27/03/2025  15:01

Животот во Македонија станува сè поскап, а според најновите податоци на „Нумбео“, четиричлено семејство во земјава месечно троши околу 111.341 денари (1.800 евра), доколку поседува сопствен дом и не плаќа кирија. За едно лице, просечните трошоци изнесуваат 32.640 денари (530 евра).

Овие пресметки се базирани на цените на храна, комунални трошоци, транспорт, облека и други неопходни производи. Според „Нумбео“, животот во Македонија е 51,9% поевтин во споредба со САД, додека кириите се во просек 82,7% пониски.

Цените во маркетите и рестораните

Во скопските продавници, основните прехранбени производи достигнуваат високи цени:

  • Леб (500 г) – 40 денари
  • Литар млеко – 70 денари
  • Килограм бело сирење – 460 денари
  • Табла јајца (12 парчиња) – 120 денари
  • Килограм јунешко месо – 660 денари
  • Килограм домати – 104 денари
  • Капучино во ресторан – 100 денари
  • Ручек за двајца во средно рангиран ресторан – 1.500 денари
Кирија и недвижнини

Ако семејство мора да изнајмува стан, цените значително го зголемуваат месечниот буџет:

  • Еднособен стан во центарот на Скопје – 300 евра
  • Трисобен стан во центарот – 500 евра
  • Цена за квадратен метар станбен простор – од 1.100 до 2.500 евра
Синдикална кошничка – 50.000 денари разлика

Според Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), минималната синдикална кошничка за февруари 2025 изнесува 63.773 денари, што е за речиси 50.000 денари помалку од податоците на „Нумбео“. Најголем дел од овие средства одат за храна (23.427 денари), комунални трошоци (6.096 денари) и транспорт (4.844 денари).

Зголемени трошоци на животот

Државниот завод за статистика регистрира пораст на трошоците на животот во февруари 2025 година, особено во следните категории:

  • Храна и пијалаци (+1,4%)
  • Алкохол и цигари (+0,8%)
  • Комуналии (+0,5%)

Транспортните трошоци, пак, се намалени за 3%, што е резултат на флуктуацијата на цените на горивата.

Заклучокот е јасен – животот во Македонија станува сè поскап, а примањата тешко го следат растот на трошоците.