
Комеморацијата по повод смртта на музичарот и медиумскиот работник Александар Саша Поповиќ (1954 – 1975) се одржа денеска во Сава центарот, во присуство на членови на семејството, голем број пејачи, соработници, пријатели и почитувачи на неговото дело, објави „Јуроњуз“.
Повеќе од 1.200 личности од јавниот, културниот и политичкиот живот му оддадоа почит на Поповиќ, кој беше хармоникаш на „Слатки грех“, придружната група на пејачката Лепа Брена. Подоцна заедно ја основаа продукцијата „Гранд“, која, меѓу другото, ја покрена телевизијата Гранд, како и емисиите „Гранд шоу“, „Ѕвездите на Гранд“ и други проекти.
На комеморацијата во Конгресната сала на Сава центарот присуствуваа премиерот во оставка Милош Вучевиќ, министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, како и Лепа Брена и Боба Живојиновиќ, Жељко Јоксимовиќ, Мања Грчиќ, Жика Јакшиќ, Марија Шерифовиќ, Светлана Ражнатовиќ и Вики Миљковиќ.
Присутните имаа можност да погледнат снимки од изјавите на Поповиќ, како и фотографии од неговото детство и кариера. Телевизискиот и радиоводител Воја Неделковиќ потсети дека сите се собрале за да се простат од сопругот, таткото, братот и човекот кој имаше богата кариера.
Во своето обраќање, пејачката на народна музика Ана Бекута рече дека Поповиќ бил „мудар, вреден и сталожен, како стар орев во дворот кој сè видел и секоја бура издржал“, и дека бил како весло – „неопходен на луѓето за да се докопаат до брегот“. Според неа, без Поповиќ не можело да се замислат веселби и забави, а за стотици млади луѓе бил рамка за најдобрите моменти во кариерата или потпора за оние што биле изгубени во суровиот свет на шоу-бизнисот.
Бекута додаде дека Поповиќ „беше премногу добар“, дека „никогаш никому не бил трн во око“.
„Ти беше раката за која сите се држевме, засолниште кога беснееја бури, светлина во темнината, топлина и утеха, дрвена дирка на секоја хармоника“, рече Бекута.
Поп-пејачката Марија Шерифовиќ истакна дека го познавала Поповиќ уште од мала како колега на нејзината мајка, Верицa Шерифовиќ, како член на „Слатки грех“, а подоцна го запознала како директор и пријател.
„Никогаш не сум познавала некој што толку гореше и со толкава страст го живееше нашиот занает. Од секој од нас знаеше да го извлечеш најдоброто и да го разгориш пламенот во секој што работеше со тебе“, рече Шерифовиќ.
Според неа, по заминувањето на Поповиќ, ништо повеќе нема да биде исто – не само на естрадата и во шоу-бизнисот, туку и во душите на луѓето.
Бизнис-пријателот Остоја Мијаловиќ нагласи дека се простуваат од „огромен и посебен човек“, кој „зрачеше со пријателска енергија и топлина на уникатен и достоинствен начин“, и направил големи нешта што ќе останат како негово наследство. Мијаловиќ сподели дека Поповиќ, дури и во болестa, ги храбрел своите блиски, уверувајќи ги дека заедно ќе ја победат.
„Нè храбреше како да сме ние болни, а не тој“, рече Мијаловиќ.
Во болница во Париз, по хемотерапијата, Поповиќ на ходникот забележал клавир, застанал и почнал да свири. Мијаловиќ раскажа дека дури и тогаш собрал публика која со него пеела и играла.
„Кога влегов во собата и го прашав: ‘Како си, мој Поповиќ?’, го подигна прстот и рече: ‘Јас одам горе, а ти остануваш да ја чуваш мојата фамилија’. Последните зборови му беа: ‘Имам само да ви кажам дека ве сакам многу’“, рече Мијаловиќ.
Пријателот и продуцент Предраг Павловиќ се присети на времето поминато со Поповиќ, секое утро гледајќи рејтинзи, следејќи спорт или разговарајќи за политика.
„Имав привилегија да бидам човекот со кој сподели многу време, разговарајќи за сè. На крајот сфатив дека всушност цело време ме учеше за животот, ме формираше како човек и професионалец. Секогаш му велев: ‘Ти си како мојот татко’“, рече Павловиќ.
Тој додаде дека Поповиќ зад себе оставил многу „деца“, бидејќи многумина го доживувале како татко, а во таа смисла имал и многу браќа и сестри.
Павловиќ истакна дека Поповиќ никогаш не заплакал, ниту бил депресивен или тажен – секогаш се борел и никогаш не ја губел својата сила.
Како што беше најавено, Поповиќ ќе биде погребан на Бежаниските гробишта во 14.30 часот.