
Трагедијата во Кочани отвори многу дилеми во јавноста. Една од нив е и дали обезбедувањето можело и смеело да бара лични карти за утврдување возраст на гостите имајќи предвид дека меѓу присутните во таа кобна вечер имало и многу малолетни лица, после полноќ.
Што велат законите?
Според Законот за личната карта, Член 9 вели дека граѓанинот е должен личната карта да ја носи со себе и да ја покаже на барање на службеното лице кое со закон е овластено да легитимира.
Иако во овој закон службеното лице се припадниците на полицијата, сепак опфатот на оние кои имаат законски овластувања е далеку поширок и се наоѓа во други закони.
Па така, во Законот за приватното обезбедување во членот 49 јасно стои дека и припадник на обезбедување од приватна агенција за обезбедување има право да легитимира.
„(1) Работник за обезбедување ќе изврши проверка на идентитет на лице:
1) при влез или излез од имотот што работникот го обезбедува;
2) кое се наоѓа во превозно средство кое влегува или излегува од имотот што
работникот го обезбедува;
3) кое е затечено во вршење на кривично дело или прекршок и
4) по наредба на овластено службено лице на Министерството.
(2) Проверката на идентитет од ставот (1) на овој член се врши со увид во лична
карта или друг документ за лична идентификација што има фотографија“ стои во законот.
Кога станува збор за легитимирање на гости, истото е опфатено и со Законот за угостителската дејност, односно во делот на точење алкохол.
„Во угостителските објекти е забрането послужување на алкохолни пијалаци на лица под 18 години и послужување на алкохолни пијалаци од страна на малолетни лица.
Угостителите се должни на видно место во угостителскиот објект да истакнат натпис со содржина “лица со возраст под 18 години не се послужуваат со алкохолни пијалаци”, на табла со димензии 20 х 50 см.
Угостителите се должни да ја утврдат возраста на лицето од ставот 1 на овој член врз основа на соодветна исправа„ се наведува во Законот.
Покрај обезбедувањето и угостителските работници, лична карта согласно закон можат да побараат и вработените во банките и финансиските друштва, како и контролорите во ЈСП.
Истрагата за случајот во Кочани треба да даде одговор кој ќе понесе одговорност за најголемата трагедија во државата, а граѓаните на овој град се револтирани што припадниците на обезбедувањето кои херојски спасувале деца сега се во притвор и се ставени во ист кош со оние кои деценија и пол мижеле пред бројните неправилности што се случувале во дискотеката „Пулс“.
Текстов има за цел подобро да ги информира граѓаните каде мора, каде треба, а каде не треба да се приложи документ за лична идентификација.