
Во раните утрински часови на 16-ти март, телефонскиот повик од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го означи почетокот на една од најголемите трагедии во поновата македонска историја. Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за 4ТВ открива детали за првите моменти од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“.
„Ми се јави околу шест часот наутро и ми соопшти дека во Кочани има околу 50 жртви во диското… Едноставно не можеш да веруваш во тоа што ми го соопшти,“ се присетува Коцевски за почетниот шок.
Веднаш по повикот, била мобилизирана обвинителската фела, при што биле контактирани шефовите на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и ОЈО Скопје за итно формирање на екипа која се упатила кон Кочани. Сцената пред дискотеката била морничава.
„Тоа што го видовме тогаш, само беа остатоци од чевли, од предмети, од луѓето што бегале, што трчале,“ сведочи Коцевски, додавајќи дека увидот започнал веднаш и траел цел ден за да се обезбедат клучните материјални докази. Сопственикот на локалот бил меѓу првите кои дале исказ, со што се добиле првичните сознанија и почнало да се „одмотува клопчето“ за тоа што точно се случило критичната вечер.

