Skip to main content
Македонија

Коцевски: Приоритетите за корупција не се под влијание на Мицкоски или кој било друг

13/01/2025  22:48

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека упатството за давање приоритет на предметите за корупција не е реакција на политичкиот дискурс, туку е дел од долгорочната стратегија на Јавното обвинителство за ажурирање на предметите од јавен интерес. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Коцевски потврди дека истрагите се одвиваат во рамките на законските процедури, без влијание од извршната или опозициската власт.

„Можеби се совпаднаа мојата намера и изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за акција против корумпираните судии и обвинители, но тоа не значи дека сме под притисок. Јавното обвинителство работи согласно законот, и главниот проблем не е во недостаток на иницијативност, туку во тешкото обезбедување докази,“ рече Коцевски.

Тешкотии во прибирање докази

Коцевски посочи дека обвинителите се соочуваат со значителни предизвици при прибирањето на потребните докази за коруптивни случаи. Според него, ажурирањето на наредбите за прибирање докази и соработката со надлежните органи е од клучно значење за напредок во истрагите.

„Обвинителите често чекаат со месеци за одговори од надлежните институции. Затоа приоритетот е поставен и на ажурирање на сите предмети, вклучително и на коруптивните случаи,“ додаде тој.

Дисциплински постапки и сомнителни одлуки

На прашањето за случувањата со скопскиот виш обвинител Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран и се соочува со кривична постапка, Коцевски потврди дека дисциплински постапки се водат и против други обвинители.

„Има предмети каде што повлечени жалби се однесуваат на суми од 840.000 до 8 милиони евра. Во вакви случаи е неопходна претпазливост. Повлекувањето на жалби или обвиненија за вакви значајни износи бара максимална транспарентност,“ објасни Коцевски.

Одговор на обвинувањата за селективност

Коцевски ги отфрли обвинувањата дека Јавното обвинителство за организиран криминал (ОЈО ГОКК) селективно постапува во случаите поврзани со функционери од ДУИ.

„Ислам Абази беше избран со најголем број гласови од јавните обвинители во државата. Јавното обвинителство не врши селекција според политичка припадност. Има случаи каде што и функционери од ДУИ се осудени,“ рече Коцевски.

Коцевски подвлече дека надзорот врз обвинителствата е редовна пракса и дека продолжува да се работи на зајакнување на капацитетите за истраги. И покрај политичките притисоци и јавните критики, приоритет останува на заштитата на јавниот интерес и правдата.