Skip to main content
Македонија

Коцевски: Нема селективност во истрагата, можно е проширување на истрагата за полициските службеници кои вечерта биле во „Пулс“

08/05/2025  12:49

Јавните обвинители кои работат на истрагата за пожарот во Кочани, во моментов сослушуваат сведоци и оштетени лица кои знаат нешто за настанот, во меѓувреме, исто така, се координираат со вешти лица во однос на истрагата, изјави републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред почетокот на седницата на Советот за јавни обвинители.

На новинарско прашање дали ќе се прошири истрагата за полициските службеници кои биле вечерта во дискотеката „Пулс“, Коцевски рече дека сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, но, вели, тоа зависи од доказите и она што ќе го обезбедат јавните обвинители. Според Коцевски, нема никаква селективност во истрагата досега, а нема да има ни понатаму.

— Во Јавното обвинителство за организиран криминал има постапка за 14 или 15 лица, за кои нема определено мерки притвор. Нема никаква селективност досега, нема да има ни понатаму. Како што веќе имам кажано, сѐ до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и од она што јавните обвинители ќе го обезбедат. Истрагата е во исклучително важна фаза сега, затоа не можам да споделувам подетални информации во однос на истрагите кои што се водат рече Коцевски.