Skip to main content
Македонија

Коцевски: Истрагата за пожарот во Кочани ќе биде брза, но без компромиси – 16 осомничени и нови притвори

18/03/2025  21:05

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски вечерва изјави дека истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 лица, а над 155 беа повредени, ќе биде спроведена професионално, темелно и без избрзани заклучоци. Според него, обвинителскиот тим работи со голема претпазливост за да ги собере сите релевантни докази.

— „Ветив и ќе останам на тоа ветување дека истрагата ќе биде брза и ефикасна. Но, тоа не значи дека ќе биде избрзана. Мора да се соберат сите докази по легален пат и тие да имаат доказно својство, што значи дека обвинителскиот тим постапува многу внимателно.“ — изјави Коцевски во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител.

Комплексна истрага и зголемен број осомничени

Коцевски нагласи дека станува збор за „многу сложен и тежок предмет“ поради големиот број жртви и комплексноста на случајот. Тој информираше дека бројот на лица за кои е побарана мерка краткотраен притвор се зголемил на 16.

— „Вчера имаше 14 осомничени, а во моментов бројката е 16, со уште едно лице кое моментално чека во зградата на Јавното обвинителство за одлука за 48-часовен притвор. Покрај тоа, три лица се хоспитализирани – две во Македонија и едно во странство. Кога нивната здравствена состојба ќе го дозволи тоа, и тие ќе бидат повикани на распит.“

Доказите се прибрани законски, местото на трагедијата останува под обезбедување

Коцевски посочи дека доказите од местото на трагедијата се собрани во согласност со законските процедури и дека засега не се очекуваат проблеми во вештачењето.

— „Јавните обвинители беа на лице место и го вршеа увидот заедно со вештаци кои дадоа конкретни насоки за истрагата. Локацијата на настанот е сè уште обезбедена, и доколку има потреба, ќе продолжи прибирањето дополнителни докази. Во разговор со вештите лица, можам да кажам дека очекуваме квалитетно вештачење.“

Истрагата продолжува, а јавноста со нетрпение очекува одговорност за трагедијата која го зави Кочани и целата држава во црно.