
Обвинителството работи на два предмета поврзани со спорните легализации во Општина Чаир, кои, според државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, најверојатно ќе бидат споени затоа што се меѓусебно поврзани и содржат доволно докази за понатамошно постапување. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Коцевски посочи дека истрагите продолжуваат и дека обвинителството никогаш немало намера да ги затвори случаите без одговорност.
Тој објасни дека едниот предмет се води по допрен глас во Основното јавно обвинителство – Скопје, а другиот произлегува од пријавата на поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, и е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Иако не откри дали се потврдени фалсификати, Коцевски нагласи дека се собираат докази сè до моментот на донесување јавнообвинителска одлука.
„Тие два предмета најверојатно ќе се спојат или веќе се споени, затоа што се поврзани и има доволно докази. Процесите се водат како што треба“, изјави тој, одговарајќи и на шпекулациите дека првиот предмет бил пред затворање.
Случајот со легализациите во Чаир беше отворен по серија истражувачки прилози на „360 степени“, кои во изминатите две години документираа дека на терен се гради многу повеќе отколку што Општината има издадено дозволи, дека барањата за легализација се архивирале уште пред дивоградбите воопшто да почнат да се градат и дека не се вршеле теренски проверки за тоа што навистина се легализира.
Дополнителна тежина на случајот даде и Арсовска, која годинава излезе во јавноста со факсимили за кои тврдеше дека покажуваат дека дел од легализациите биле спроведени со фалсификувани документи. Иако Обвинителството најавува дека постапува по двата случаја, финалниот епилог сè уште се чека.
