
Државниот јавен обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, истакна дека сите мора да бидат обединети во борбата за правда, нагласувајќи дека целта е да се казнат одговорните и да се спречат вакви трагедии во иднина.
Во интервју за белградска „Политика“, Коцевски потенцира дека предолго се толерирало непочитувањето на законот, а сега јавноста бара правда која мора да биде задоволена.
„Доказите што секојдневно ги собираме укажуваат на општа ерозија на системот, култура на непочитување на законот и правилата, но и длабока системска корупција. Обвинителството не е орган на превенција, туку на репресија. Дали ова можеше да се спречи? Можеби. Но сега мора да се соочиме со последиците, да ги казниме одговорните и да спречиме вакви трагедии“, изјави Коцевски.
Според него, трагичните настани од минатите години покажуваат дека освен директните причини за катастрофите, често постои и дополнителен фактор – непочитување на законот и системска корупција, кои значително ги зголемуваат последиците.
Денеска во Скопје граѓаните оддаваат почит на загинатите во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани. Бројни граѓани палат свеќи на плоштадот „Македонија“ во чест на починатите.
„Најболно е тоа што последиците се катастрофални. Кочани е мал град, а оваа трагедија однесе речиси цела генерација млади луѓе од ова место. Ова е колективна трагедија која народот тешко ја поднесува“, изјави Коцевски.
Во врска со прашањето дали надлежните институции биле навремено известени и дали ја извршиле својата должност, тој нагласи дека сè ќе биде проверено во рамките на истрагата.
„Закони и прописи постоеле, но не сме пронашле речиси ниеден што бил почитуван. Моментално, осомничени се 28 лица – три се во болница, 18 се во притвор во предистражна постапка, а против седум полициски службеници се води истрага. Се собираат докази во форма на изјави, материјални докази и експертизи. Осомничените се товарат за тешки дела против општата безбедност, за што е предвидена казна до 20 години затвор. Истрагата опфаќа и примање мито, незаконитости во набавка на пиротехнички средства и други кривични дела“, истакна обвинителот.
Коцевски нагласи дека истрагата ќе биде брза, ефикасна и сеопфатна.
„Ќе одговараат и тие што со неработење и непочитување на службените должности сносат дел од вината. Предолго се толерирало непочитувањето на законот, а исходот е поразителен за сите нас. Сега сите бараат правда и таа мора да биде задоволена“, порача државниот јавен обвинител.
Во трагедијата што се случи во неделата рано наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а повредени се речиси 200.