Skip to main content
Македонија

Коцевски: Дискотеката функционирала со многу пропусти – ерозија на системот – Објектот регистриран како фабрика

16/03/2025  20:41

Јавното обвинителство започна детална истрага за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, испитувајќи како објектот добивал дозволи со години, собирал малолетници секој викенд, а институциите не презеле мерки за негово затворање.

Осомничени 10 лица, барање за краткотраен притвор

Обвинителот Љупчо Коцевски изјави дека обвинителството издало наредби за преглед на видео-снимки, апсење на сите лица кои со своето постапување придонеле за трагедијата и форензичка анализа на предмети од местото на несреќата. За 10 лица ќе биде побаран краткотраен притвор, а над 20 лица се повикани на информативен разговор.

Во рамките на истрагата, Обвинителството побарало од Основниот суд во Кочани да ја одземе целокупната документација за дискотеката „Пулс“ и да одобри претреси во домови на осомничени.

Меѓу лицата кои се испрашуваат е и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, кој во моментов се наоѓа во полициска станица на распит.

Објект без хидранти, противпожарни мерки и со заклучени излези

Првичните наоди откриваат дека дискотеката не ги исполнувала основните безбедносни стандарди:

• Немала функционален хидрант и противпожарна мрежа.

• Имала само два противпожарни апарати, недоволни за квадратурата на објектот.

• Наместо две пропишани излезни врати за евакуација, имала само една метална врата, заклучена со катанец и без квака од внатрешна страна. Била дополнително обложена со гипс картон и сунѓер за звучна изолација.

• Објектот немал пристап за противпожарни возила од двете страни, како што пропишува правилникот за заштита од пожари.

• Внатрешноста на дискотеката била обложена со лесно запаливи материјали и немала таван со противпожарна отпорност од 30 минути.

• Немало алармен систем кој би ги предупредил посетителите за опасност.

• Пиротехнички средства биле користени на висина од три метри без дозвола.

Дискотека регистрирана како фабрика

Според податоците од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, објектот бил регистриран како лесна индустрија со површина од 419 м². Не е направена пренамена во угостителски објект, но сепак, Министерството за економија му издало дозвола за работа како дискотека пред 15 години.

Обвинителството најавува кривични постапки

Јавното обвинителство сè уште нема издадено наредба за истражна постапка, но истрагата се води за „тешки дела против општата сигурност“ и други поврзани кривични дела.

Еден од организаторите веќе е сослушан и се потврдило дека немало писмен договор помеѓу него и музичката група што настапувала таа вечер. Можно е да има и обвиненија за давање и примање поткуп и незаконско користење пиротехнички средства.

Обвинителите ќе продолжат со увидот и утре наутро, а дополнително ќе бидат ангажирани јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.