
По трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 61 лице – меѓу кои шест деца – Основното јавно обвинителство во Кочани денеска донесе Наредба за проширување на истрагата на нови 19 лица.
Сите тие, службени и одговорни лица во институции на локално и централно ниво, се товарат за тешки дела против општата сигурност според член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Обвинителството ги сомничи дека во период од 2012 година до денот на пожарот – 16 март 2025 – не постапувале според законските прописи за безбедност и заштита, што резултирало со катастрофални последици.
Меѓу новоосомничените се овластени градежни инспектори во Општина Кочани, директори и инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување, поранешни министри за економија, државни секретари и инспектори од Пазарниот инспекторат.
Обвинителството наведува дека токму овие лица, со своето неделување и игнорирање на законите, му овозможиле на кабарето КЛУБ ПУЛС да работи со години без основни безбедносни и технички услови. И покрај бројните индиции и очигледни прекршувања, никој не презел ништо за да го спречи ризикот – кој на крајот прерасна во трагедија.
На 16 март, за време на настап на музичката група ДНК, пиротехнички средства предизвикаа пожар кој брзо се прошири низ објектот. Освен 61 загинат, повредени беа уште 197 лица, од кои 25 деца.
Обвинителството до крајот на денот ќе поднесе предлози до Основниот суд во Кочани за изрекување мерки за обезбедување на присуството на сите новоосомничени.
Со ова проширување, бројот на лица под истрага во случајот достигна 45 физички и 3 правни субјекти. Еден од осомничените починал како последица на повредите здобиени во пожарот, и за него постапката ќе биде запрена по прибавување на целосната медицинска документација.
Овој случај уште еднаш го отвора прашањето за институционалната одговорност во Македонија – дали ќе има вистинска правда или трагедијата ќе се заборави, како и многу други пред неа.