
Ретко кој град бил толку полн, а во суштина толку многу празен како што денеска беше Кочани.
Тишина и бавни чекори на илјадиници граѓани кои заминуваа кон градските гробишта, уморни лица на волонтерите, екипи на Црвен крст и Итната помош на готовс, растрчани медиумски екипи така претпладнето градот на Истокот го преживуваше денешниот тежок, најтежок ден.
Десеттици, главно млади луѓе беа испратени во вечните почивалишта од нивните блиски, од нивните сограѓани.
Празно и тажно беше во центарот на Кочани, далеку од градските гробишта.
Трговскиот центар кој е главно свртилиште на кочанчани и преку ден и навечер денеска беше пуст.

Дуќаните беа затворени, не минуваше никој, освен дежурните полицајци кои правеа обикола и ги обезбедуваа локалите меѓу кои и она кое беше демолирано во понеделникот.
Во разговор со нив дознавме дека таму биле цела ноќ, но и дека по ваквата трагедија во овој град повеќе ништо нема да биде исто.
Го напуштивме Кочани со грутка во душата, многу поголема од онаа што ја носевме со себе кога пристигнавме, но сепак носевме со иста мисла, никогаш повеќе ниту еден град да не го доживее она што Кочани го доживеа на 16 март.