
Градот кој ја носи лузната од сопствената трагедија оваа сабота ќе замолчи во знак на почит кон жртвите од трагедијата во швајцарскиот зимски центар Кранс-Монтана. Организаторите од Кочани информираат дека планираниот „Марш на Ангелите“ нема да се одржи, а наместо тоа граѓаните се повикуваат на мирна и достоинствена средба, со која ќе се испрати порака на сочувство и солидарност.
Под мотото „Од Кочани до Кранс-Монтана: Тивка почит за загинатите“, жителите на Кочани – град што длабоко ја разбира болката од загубата предизвикана од огнена стихија – ќе се соберат за да запалат свеќи и да оддадат почит во тишина.
Настанот е закажан за сабота, 10 јануари, со почеток во 16:40 часот, а собирното место е Паркот на Револуцијата во Кочани.
„Ве повикуваме да бидеме заедно во тишина, сочувство и солидарност. Од град што ја носи болката во себе, до мајките и семејствата што денес ја живеат истата тишина — да застанеме заедно, без зборови што се премали за ваква загуба“, стои во повикот до јавноста.
Кочани, кој сè уште ги лекува раните од трагедијата во март минатата година, испраќа силна порака на поддршка до семејствата во Швајцарија. Организаторите посочуваат дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите и дека токму преку ваков чин се поврзуваат оние што изгубиле со оние што паметат.
Граѓаните се повикуваат да дојдат со достоинство и искрено сочувство, да запалат свеќа и да покажат дека Кочани е со семејствата на жртвите од Кранс-Монтана во овие тешки моменти.
