Skip to main content
Македонија

Клуб на пратенички: Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции

18/09/2025  13:29

Жените-пратенички од Клубот на пратенички во Собранието упатија заедничка реакција, со која апелираат за доследно почитување на законите, како и за навремена и ефикасна реакција на институциите во случаите на насилство врз жените, особено при спречување и превенција на фемицидот.

-Ние едногласно ги поддржавме измените на Кривичниот законик со кои фемицидот се препознава и се третира како кривично дело. Бараме од надлежните институции да ги преземаат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот, се вели во заедничката изјава.

Пратеничките остро ги осудија зачестените случаи на свирепо насилство врз жени и на фемицид, оценувајќи дека е неопходна целосна и сериозна ангажираност на сите релевантни институции.

-Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа треба да го обезбедат сите институции во државата, порачуваат пратеничките.

Во реакцијата се посочува и дека судските органи мора да ја земат предвид Истанбулската конвенција, која е веќе ратификувана, како и измените во Кривичниот законик, кои се усогласени со оваа меѓународна обврска.