Skip to main content
Македонија, Скопје

Клиничкиот центар добива две катни гаражи – 500 нови паркинг места

26/01/2026  12:39

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, преку објава на социјалните мрежи информираше дека официјално започнува процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар во Скопје, со што трајно ќе се реши долгогодишниот проблем со паркирањето во овој дел од градот.

„Денес, заедно со министерот за здравство Азир Алиу и стручните тимови од ЈП ‘Градски паркинг’ и Град Скопје, одржавме координациски состанок со кој го отпочнуваме процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во Клиничкиот центар“, напиша Ѓеорѓиевски.

Со реализацијата на проектот, кој ќе го изведува Град Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места. Според градоначалникот, со ова конечно ќе се стави крај на хаосот со паркирањето во и околу Клиничкиот центар.

Тој нагласи дека станува збор за конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување.

Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, во согласност со современите урбанистички стандарди.

Проектот се реализира во координација со премиерот Христијан Мицкоски и со поддршка од Владата, што според Ѓеорѓиевски претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем.

„Со заедничка работа, координација и јасна визија, чекор по чекор градиме функционални и одржливи решенија во интерес на граѓаните. Ова е само дел од она што следува. Скопје ја живее новата ера“, порача градоначалникот.