
Иако киселата зелка важи за здрава и хранлива намирница, нејзината висока содржина на сол може да претставува сериозен ризик за одредени категории луѓе, особено за оние со висок крвен притисок, бубрежни заболувања и проблеми со задржување течности.
Солта е клучна во процесот на ферментација, но таа останува во голема мера присутна и по миењето на зелката. Прекумерниот внес може да доведе до покачен крвен притисок, дополнително оптоварување на бубрезите и задржување на течности во организмот, како и нарушување на балансот меѓу натриумот и калиумот.
Последица на ваквиот дисбаланс може да биде појава на мускулни грчеви и немир во рацете и нозете, симптоми кои често укажуваат на вишок сол во исхраната. Експертите советуваат, доколку се консумира кисела зелка, да се избегнува дополнително солење на другите оброци во текот на денот.
Иако богата со витамини и пробиотици, киселата зелка треба да се јаде умерено, бидејќи истражувањата сè почесто укажуваат на поврзаност меѓу прекумерната сол и зголемен ризик од одредени заболувања. Умереноста останува најважното правило – дури и кога станува збор за традиционална „здрава“ храна.


