Skip to main content
Свет

Кинеските карго бродови до Европа ќе пловат преку Арктикот

22/09/2025  18:56

Бродовите, на кинеската компанија „Си леџенд“ (Sea Legend) за карго транспорт, од неделава ќе пловат по директна рута до Европа преку Арктикот, со што речиси двојно ќе биде намален рокот за испорака.

„Си леџенд“ ќе ја користи арктичката рута за да го намали времето на испорака и да ги преполови емисиите на јаглерод и првпат ќе пловат по Арктички Океан на својата рута од пристаништето Нингбо Жоушан.

Брод „Истанбул бриџ“ (Istanbul Bridge) е натоварен и на 24 септември треба да тргне од пристаништето Нингбо Жоушан за Феликстоу, најголемото карго пристаниште во Велика Британија, преку арктичката бродска рута. Предвидено е патувањето да трае 18 дена и бродот во британското пристаниште да пристигне на 10 октомври.

Бродот „Истанбул бриџ“ официјално ќе ја отвори првата брза рута на карго транспорт Кина – Европа преку Арктикот.

Пристаништето Нингбо Жоушан минатата година воспостави рута за експресна испорака на артикли до германското пристаниште Вилхелмсхафен. На бродовите им требаат 26 дена за да стигнат до Германија.