Skip to main content
Магазин

Кинескиот робот што победи во маратон, влегува во индустријата за чевли

19/09/2025  21:59

Човековидниот робот „Тијен Кунг“ (или Тијангонг), којшто победи на маратон во Кина, сега се користи за обезбедување податоци за перформансите за идните патики за трчање.

Човековидните роботи преземаат нови улоги што одат подалеку од лабораториите. Минатата недела, „Тијен Кунг“ стана првиот човековиден робот што тестираше патики за трчање во Пекинг, поставувајќи нови граници во развојот на спортски производи. Пробниот тест се одржа во Центарот за истражување на спортски науки „Ли-Нинг“, а инженерите го опремија роботот во полна големина со патики за трчање пред да го испратат на лента за трчање и на 200-метарска внатрешна патека. Тестот беше сосредоточен на амортизацијата, скокот и другите метрики за перформанси, за коишто обично требаат недели собирање податоци за спортистите.

– Човековидните роботи, сега, првично, се способни да трчаат на начин сличен на човекот. Ова нè охрабри да го примениме („Тијен Кунг“) во развојот на производи, рече Јанг Фан, виш директор на Центарот „Ли-Нинг“.

Досегашното тестирање обувки се потпира на луѓе, спортисти кои трчаат повеќепати во текот на неколку недели, за да се добие употреблив збир на податоци. Сензорите вградени во колковите, колената и глуждовите на роботот следеа детални биомеханички информации за време на трчањето. Јанг забележа дека овие податоци е речиси невозможно да се соберат од човечки спортисти. Роботите, според стручњакот, исто така, нудат конзистентност, повторувајќи ги испитувањата без замор или варијации.

Според Лиу Хао – менаџер на брендот во Центарот за иновации на човековидната роботика во Пекинг, информациите го поддржуваат развојот на обувки и напредокот на самите роботи.

Партнерите сега планираат да создадат професионална база на податоци за обувки за трчање. Тестот, инаку, е еден од низата спортски задачи и пресвртници за „Тијен Кунг“. Во април, тој стана првиот робот што заврши полумаратон, минувајќи патека од 21 километар во Пекинг за два часа и 40 минути.

Во мај, компанијата го претстави роботот „Тијен Кунг ултра“ пред медиумите во кинескиот главен град. Човековидниот робот е висок 1,7 метри, развиен од кинеската „Ју-Би-тех роботикс“ и Центарот за иновации на човековидни роботи „Икс-хуманоид“ во Пекинг. Работи со брзина од 10 до 12 км/ч, по скали, падини, песок и подрачја покриени со снег благодарение на биомиметички торзо и 20 степени слобода на движење. Неговите креатори се надеваат дека ќе го применат во индустрии каде што безбедноста на луѓето е во опасност – од логистика до мисии за спасување.