
Министерството за надворешни работи на Кина изрази загриженост поради напнатата ситуација во Ормутскиот теснец по повикот на американскиот претседател Доналд Трамп до Пекинг да испрати свои бродови за да го обезбедат клучниот воден пат. Реакцијата дојде само неколку часа по повикот на Трамп.
Портпаролот на министерството Лин Џиан ја опиша ситуацијата како „напната“ и штетна за глобалната стабилност. „Кина уште еднаш ги повикува сите страни веднаш да ги прекинат воените дејствија, да избегнат понатамошно ескалирање на тензиите и да спречат регионалниот конфликт да има посериозни последици за глобалниот економски развој“, рече тој.
Трамповиот повик и самитот со Си
Трамп претходно во интервју за „Фајненшл тајмс“, објавено во недела, изјави дека можеби ќе го одложи планираниот самит со кинескиот лидер Си Џинпинг. Во исто време, тој додаде: „И на Кина ѝ е потребна помош бидејќи добива 90 проценти од својата нафта преку теснецот“.
На прашањето од новинарите да ги коментира забелешките на Трамп, Лин во понеделник одговори дипломатски. „Дипломатијата на високо ниво игра незаменлива улога во стратешката насока на односите меѓу Кина и САД. Двете страни остануваат во контакт во врска со посетата на претседателот Трамп на Кина“, рече тој. Портпаролот, исто така, избегна да одговори на прашањето дали Кина добила официјално барање од САД за испраќање бродови во Ормутскиот теснец.
Кина не е единствената земја врз која САД вршат притисок да испрати помош. Трамп во саботата изјави дека се надева оти „Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја, Обединетото Кралство и други“ ќе испратат поморски сили за да обезбедат навигација низ теснецот, кој е практично затворен од почетокот на војната.


