Skip to main content
Македонија

Ќерката на Ивановска ја напушти Македонија и покрај можноста за работа – причината е нефункционалниот систем

04/04/2026  10:48

Во емисија на 4ТВ, гостинката Билјана Ивановска остро се спротивстави на ставот изнесен од премиерот во утринско интервју на јавниот сервис, дека иселувањето не е толку негативно како што се прикажува и дека младите се враќаат назад во земјата.

„Не, не се враќаат“, децидна беше Ивановска, споделувајќи личен пример. Таа посочи дека нејзината ќерка, која работи како програмер во Берлин, имала можност за работа и во Македонија, но ја напуштила земјата поради нефункционалноста на системот.

Според Ивановска, проблемот не е само во економските можности, туку во начинот на функционирање на институциите. „За еден документ треба да чекаш на повеќе места, системот е бавен и неефикасен“, рече таа, додавајќи дека токму тие разлики младите ги чувствуваат веднаш по заминувањето во странство.

Таа нагласи дека наместо да се создава илузија дека младите ќе се вратат, неопходно е да се работи на зајакнување на системот во државата, со цел да се задржат оние кои сè уште се тука.

Во разговорот, Ивановска ја поздрави и иницијативата на младинската група „389“, истакнувајќи дека нивната енергија и ангажман се значаен сигнал за промени. „Тие се мотив да работиме заедно за подобри услови во Македонија“, истакна таа.

Особен акцент стави на борбата против корупцијата, посочувајќи дека таа не може да постои без вклученост на повеќе страни. „Корупцијата бара повеќе играчи. Секој поединец може да каже ‘не’ и тука почнува промената“, порача Ивановска.

Во таа насока, таа ја спомена и обвинителката Ленче Ристоска како пример за интегритет, нагласувајќи дека таквиот пристап треба да стане норма во општеството.