Skip to main content
Македонија

Кекеновски: Почесен конзул нема право да овозможува бегство на осомничени лица

18/12/2024  10:23

Професорот по уставно право Јове Кекеновски преку својот Фејсбук статус упати критика за улогата на почесен конзул кој, според него, овозможил бегство на осомничен функционер од државата.

Кекеновски истакна дека без разлика дали бизнисменот и почесен конзул знаел или не знаел дека на Груби му е забранет излез од државата, тој мора да одговара пред надлежните органи за постапката. Според професорот, со ова дејство конзулот се јавува како соучесник кој овозможил бегство на поранешен функционер, во момент кога судот одлучувал за одредување мерка притвор, а траела полициска акција.

Тој потсети дека Виенската конвенција за конзуларни односи јасно не дозволува вакви активности од страна на почесни конзули. „Судот мора да покрене постапка за кривична одговорност на конзулот,“ напиша Кекеновски, дополнувајќи дека според член 68 од Конвенцијата, државата домаќин има право да одлучи дали ќе дозволи понатамошно дејствување на вакви почесни конзули на нејзина територија.

Со овој став, професорот ги повика институциите на системот да постапуваат соодветно и да ја заштитат правната сигурност на граѓаните.