
Актуелната претседателка на Антикорупциска, Татјана Димитровска ги отфрла обвинувањата против неа за предметот „Адитив“, односно дека оддавала службена тајна и не поднесува оставка. Истото го изјави и првиот човек на Собранието, Африм Гаши, кој изјави дека нема да бара нејзино разрешување додека не се докаже нејзината вина.
Професорот по уставно право Јове Кекеновски на социјалните мрежи поради тоа излезе со став дека не треба да се чека таа самата да даде оставка, туку смета дека според законот таа треба веќе да биде разрешена поради самото тоа што таа има забрана за пристап до документи.
“Деновиве целата јавност одредени персони ја оптеретуваат со прашањето дали Претседателката на Антикорупциска ќе поднесе или не оставка. Бидејќи оставката на фунционери во Република Македонија е мислена именка потребно е Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувања да се разбуди од зимскиот сон. Во контекст на изречената мерка за забрана за извршување одредени работи (забрана за пристап до документи) на осомничената од страна на Кривичниот суд потребно е Комисијата да постапи согласно Член 11 од Законот за антикорупција и судир на интереси за покренување постапка за предвремено нејзино разрешување. Законот е јасен треба само надлежните да го применат.
Иако изречената мерка не е добро формулирана јас тоа го толкувам како забрана за извршување професија. А членот 11 и алинеја ,,Д” од Законот се мошне децидни и јасни”, вели Кекеновски.