Skip to main content
Скопје

Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа

12/02/2026  16:48

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски изјави дека кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации.

Тој вели дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.

Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито, истакна Ѓорѓиевски.

„Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор. Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено.Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество“, нагласи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски упати искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.

„Ова е само почеток.Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје.Рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее, остануваат наш врвен приоритет“, потенцираше Ѓорѓиевски.