Skip to main content
Македонија

Ќе се препополови бројот на патувања, нема веќе работа на црно во ЕУ – ќе се бројат и кафињата во Солун

11/08/2025  21:33

Нема веќе работа на црно во земјите од Европската Унија, а ќе се бројат и кафињата во Солун. Од 12 октомври, Европската Унија воведува нов дигитален систем за влез и излез (EES) со кој ќе исчезнат печатите во пасошите. Ќе важи за граѓаните на земји кои не се членки на ЕУ, меѓу кои и за Македонија. Ќе се плаќа такса од 20 евра која е повисока од претходно најавените 7 евра. Одобрението ќе важи три години. Што ова ќе значи за македонските граѓани?!

Според познавачите значајно ќе се намали бројот на лица кои ќе можат да престојуваат повеќе од 90 дена во земјите од Европската унија. На почеток потешко ќе се поминуваат границите. И секој влез ќе се брои.

„Предвидуваме дека драстично ќе се намали бројот на тие работници кои работеа нелегално бидејќи повеќе од 90 дена не можат да престојуваат. И она што во кулоарите, во некои професионални асоцијации во кои ние работиме од Европската унија се зборува дека повеќе ниту еден работодавец од Европа нема да прифаќа работник доколку нема документи.“, вели Зоран Кочоски, сопственик на КОУЗОН.

Според него секое излегување или транзитирање низ Европска унија може да биде проблем. Оние кои ќе транзитираат пример кон трети држави дури и транзит на аеродром ќе се регистрира како еден ден од престојот во Европската унија. А ќе треба да се бројат и кафињата кај нашите соседи.

„Во шест месеци вие ќе можете да влезете максимум 90 пати во Солун. Ако престојувате да кажам 24 саати и поминете едно деноноќие во Солун тоа ќе биде два дена, што значи тој престој се намалува на 45 денови и треба многу внимателно да се калкулираат деновите за престој во Европска унија, а од друга страна и самата апликација како што е најавено ќе има калкулатор кој ќе ги пресметува деновите на престој.“, изјави Кочоски.

Според туристичките работници пак сложените процеси за влез во земјите од ЕУ ќе го преполоват и бројот на патувања.

Новите правила по повеќе одложувања ќе почнат да важат од 12 октомври.

извор: ТВ21