Skip to main content
Хроника

Кавадарчанка и стружанец уапсени поради предизвикување на два одделни пожари

10/09/2025  12:42

Приведени две лица во кавадаречко и струшко поради предизвикување пожар.

Како што информираат од МВР, вчера (09.09.2025) во 16:45 часот во село Кошани, кавадаречко, полициски службеници од ОВР Кавадарци, ја лишиле од слобода В.В.(34) од село Бегниште, кавадаречко, поради сомнение дека околу 14:00 часот на својата нива кај место викано „Рамна“ на локален пат село Бегниште – село Кошани запалила стари предмети, а пожарот се проширил и зафатил родни дрва нејзина сопственост и три лозови насади, сопственост на М.Т.(41) и З.П.(45), двајцата од село Бегниште и К.Т.(74) од Кавадарци. Пожарот бил изгаснат од екипа на Теритријалната противпожарна единица Кавадарци, а повредени лица нема.

Исто така, вчера во 11:20 часот во с.Лабуништа, струшко, полициски службеници од Полициското одделение Велешта го лишиле од слобода Ќ.Б.(83) од с.Лабуништа. Тој се сомничи дека околу 10:00 часот запалил сува трева, по што пожарот се проширил и зафатил стрниште. Пожарот бил изгаснат од месното население и од екипа на Територијалната противпожарна единица Струга, а повредени лица нема.

По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 288 од Кривичниот законик – „предизвикување општа опасност“, информираат од МВР.